• Партизански Одреди бр. 12 1000 Скопје
  • +38923111225
  • kabinet@mpee.mk

Освет на камен темелник за нова Црква во Дортмунд

Каде и да живееме ние Македонците не забораваме кои сме и од каде сме.
Во овој свет покрај телесните приоритети ние си ги знаеме и духовните потреби и било каде и да сме во светот своите корени и вера си ги  почитуваме.Од многуте населени места по целиот свет таков дел е и републиката Норт Рајна Вестфалија во Германија каде се повеке и повеке Македонци се населуваат ,работат и живеат.

Желбата за духовното допринесува и секоја недела во Дортмунд за време на Богослужбите се повеке и повеке Македонци да присуствуваат и меѓусебно се дружат. Повеќе од 25 г.опстојува Црковната Општина св.Кирил и Методиј во Дортмунд и постојано низ годините се раѓа желбата за изградба на сопствена Црква .

Се дискутира, договара,планира  и конечно сонот станува јаве.
Благодарејки на нашиот надлежен Митрополит г.Пимен ,вредната управа и парохискиот свештеник Душко Пецов ,пред 2 г.започнува проектот за добивање дозвола за градба.
На радостите им нема крај. Се радуваат и ангелите на небесата.
Добиена е дозволата за градба и надлежниот Митрополит о.Пимен благословува да камен темелникот се изврши на 29.04.2018 г.
Сите се возбудени,максимално посветени и одговорни за овој престоен важен настан.
Не само членовите на Црковниот одбор туку и нивните семјства а и повеке фамилии речиси и заборавија на своите домашни обврски ,и целосно се посветија на организацијата околу осветот.За нив, денот беше ноќ а ноќта ден.
Како се наближуваше моментот адреналинот се повеќе растеше кај сите .
И конечно Дортмунд заблеска во целата своја убавина.

Убав сончев неделен ден,4 та недела по Велигденската радост ,за сите верници доаѓа уште една неопислива духовна радост. За да биде уште поторжествено   на овој  свет чин присуствува и Неговото блаженство Архиепоскопот Охридски и Македонски г.г Стефан,Митрополитот Дебарско-Кичевски и администратор Новозеландски г. Тимотеј и домаќинот на Европската епархија г. Пимен во сослужение на повеќе свештеници од Македонија и Европа.
Од сите страни на Германија река народ се слеваше кон Дортмунд,кои итаа и сакаа да бидат дел од оваа заедничка радост.Претесен беше храмот да ги прими сите верници па некои мораа да ја следат и слушаат св.Литургија и од црковниот двор.А за време на св.Литургија ,пеење во еден глас , и свештенството и народот.Ушите слушаат а срцето и душата се радуваат.Исполнети сите со духовна убавина ,понесени од овој несекојдневен настан сите се срекни радосни и задоволни.Посебно радуваат насмевките на постарите оние кои ова дело го започнаа и ни го предадоа на помладите, секако со нивна помош и да го продолжиме и надградиме. Дело за секоја почит и респект.

После Божествената Литургија во дворот каде и ќе се гради новата Црква започна светиот чин освет и поставување на камен темелник.Претесен е дворот да ги прими сите верници кои дојдоа да бидат сведоци на овој настан.Потврдата  за нашето постоење како верен Македонски народ се потврди и со присуството на над 50 Германски гости,од кои ги издвојуваме - Пратеничка од Бундестагот г-ѓа Сабине Пошман,Градоначалникот на населбата г.Хајнц Пастерни,г.Лутгер Вилде висок градежен фунционер и секако оној за кој и сите зборови ке бидат премалку да се пофали неговата ангажираност и посветеност поранешниот градоначалник а сега висок функционер во Германија г.Рудигер Шмит. Нивните насмевки говореа колку тие се среќни и восхитени од убавината што ни ја даде овој ден .

Нивните говори изнудија громогласни аплаузи од сите верници.Неминовна беше радоста и кај Архиепископот кој ги пофали сите кои помогнаа да се реализира овој свет чин и во својата беседа додаде дека Дортмунд станува духовно  живеалиште и место за собирање и за молитва и за македонско  оро и песна.Повелбата за освет беше прочитана од о.Блажо Кожарски и потпишана од тројцата Митрополити,а преку рацете на Митрополитот г.Тимотеј ,парохискиот свештеник протојереј Душко Пецов во осветено шише со масло ја положи во камен темелникот.Првата мермерна плоча ја положи о.Душко Пецов па г.Рудигер Шмит и третата плоча со натписот за освет ја положи претседателот г.Јованче Тодоровски во името на целиот одбор и верниот народ.
Светото место со светена вода го пороси надлежниот Архиереј  г.Пимен од чие лице блескаше неискажлива насмевка,која говореше за неговата неизмерна радост.

Градењето на Цркви е дело на целиот верен народ и секој според можностите дарува и помага во изградбата оставајки белег и сведоштво за сите идни поколенија.И денес веднаш се покажа хуманоста на дело кога  многу верници наддаваа парични средства  за лопатите,донирајќи за изградбата на светиот храм.
Символично со златна лопата почна изградбата на нова Црква во Дортмунд.И не само сега туку и потоа и уште верниците препознавајки го овој настан како вредно дело помагаат и донираат за да побргу се изгради овој свет и велелепен храм.Од името на верниот народ парохискиот свештеник Душко Пецов им се заблагодари на сите присутни Архиереи,свештенослужители и верниот народ и додаде :,,Вие верниците сте моја сила, мои крилја и само заеднички сплотени со слога ,вера и љубов ќе опстанеме и успееме во нашите намери.Постарите  членови, вие сте вредни ,ова е ваше започнато дело,дело на вашите раце  и заеднички ќе го реализираме.Им се поклони и на сите членови на Одборот давајќи им посебна заслуга за трудот и соработката ".
И за да бидат радостите потполни се погрижи надлежниот Архиереј кој на крајот препознавајќи ја посветеноста и ангажираноста на протојереј Душко Пецов го пофали и го унапреди поставувајќи го за Архиерејски намесник на западно -европското намесништво.

Со свечен заеднички ручек во Црковниот двор заврши овој торжествен и несекојдневен настан. Детскиот џагор и Македонската песна и оро покажаа и докажаа дека Македонскиот народ е народ со традиција,култура и единство.Верниот народ не криејќи ја духовната радост постојано беа околу  Архиереите ,се фотографираа и бараа благослов,да понесат радост во нивните домови.
Добрите дела нека засветат и нека сведочат за слогата ,љубовта и верата во оваа Црковна општина.
Ова е Црква од сите и за сите !

 

† Начинот на исхрана треба да се усклади со силата и здраствената состојба на телото. Кога е здраво, да се ограничи колку што е потребно; а кога е слабо, малку да му се попушти.
Блажени Диадох Фотикиски (400—474)